Им веруваат на управителите, а не на соседите

Расте бројот на граѓани што ангажираат управители на згради, па и оние што назначиле заедница на станари се одлучуваат да се префрлат на управувач на згради. Над 212 згради досега имаат ангажирано управители.

Граѓаните сé повеќе ангажираат надворешно непознато лице како управител на зградата, наместо заедница на сопственици, каде што тоа ќе го прави некој од соседите. Станарите се растрчани да го фатат крајниот рок за регистрирање управител, 1 април, а во канцелариите на овие фирми може да се забележат редици од заинтересирани граѓани. Досега над 212 згради имаат ангажирано управители за згради. Вкупните месечни трошоци за станарите изнесуваат од 400 до 500 денари за стан, во зависност колку станови има зградата, дали има лифт и други детали.

Станарите растрчани да го фатат рокот за именување управител

Во последно време сé повеќе се зголемува бројот на фирми што ангажираат управители на згради. Тие се попрактични, бидејки самите ги бркаат сите работи, ги организираат станарите, па затоа граѓаните се одлучуваат на тој чекор.

Дури оние што регистрирале заедница на станари се одлучуваат да се префрлат на управувач на згради. Исто така, сé повеќе се назначуваат и инспектори од страна на општините, кои ќе ги контролираат заедниците. Нивната работа е да утврдат дали има заедница на станари, да ги пријават во судот оние што немаат, да вршат контроли и да казнуваат – изјави Душко Кадиевски претседател на Регулаторната комисија за домување.

Општината Аеродром има назначено инспектор за домување, кој ќе почне со инспекциски надзор откако ќе заврши законската постапка за соодветното овластување, односно по добивање на службена легитимација во согласност со законските и подзаконските акти. Кисела Вода и Гази Баба сé уште немаат назначено инспектор за домување, но планираат во следниот период тоа да го направат.

Во согласност со законските одредби, доколку во станбената зграда не е определен управител или не е регистрирана заедница на сопственици до 1 април, станарите ќе мора да платат казна во износ од 300 euros.

 

Leave a Reply