Македонија на 132 место според Светскиот индекс на донирање

Насловна страница од анализата на Конект

Насловна страница од анализата на Конект

Македонија падна на 132 место според Светскиот индекс на донирање во 2011 година, со што се најде за 41 место подолу во споредба со 2010 година. Индексот го прикажува филантропското расположение на физичките лица и според него македонските граѓани најмногу им помагаат на непознати, помалку донираат финансиски средства, а најмалку се расположени за волонтирање.

 

Според експертите, даночните поттикнувања предвидени во Законот за донации и спонзорства во јавните дејности кои треба да стимулираат зголемено донирање од страна на физичките лица, во пракса се нефункционални и најголемиот број граѓани воопшто не ги користат. Ако се има предвид дека граѓаните сметаат дека даночните олеснувања се важен мотив за донирање, за да се поттикнат приватните донации неопходни се измени на постојното законско решение.

“Еден од клучните проблеми во Законот е сложената процедура според која може да се реализира даночното олеснување. Тоа укажува на недостаток на доверба во концептот на приватното донирање кое законот мора да го поттикнува“, смета извршната директорка на Конект, Никица Кусиникова. Според неа “потребно е законот целосно да се измени, да се поедностави постапката, а фокусот на контрола за користење на донациите наместо на донаторите, како досега, да се стави на корисниците на донираните средства и добра. На тој начин ќе се овозможи значително зголемување на бројот на донации во културата, спортот и воопшто областите од јавен интерес“.

Светски индекс на донирање

И покрај лошата економска состојба, според Светскиот индекс на донирање (World Giving Index) светот во 2011 година донирал повеќе отколку во 2010. Во 2010 глобалниот просек на донирање е 31,6% додека во 2011 пораснал на 32,4%. Зголемениот процент на донирање пред се се должи на порастот од 2% на помагањето на непознати и зголемувањето за 1% на волонтирањето, додека донирањето на финансиски средства незначително е намалено. Спротивно на светскиот тренд, Македонија бележи пад од 6%.

Светскиот индекс на донирање е најголемата студија за добротворно однесување низ целиот свет која се објавува втора година по ред и опфаќа вкупно 153 земји. Извештајот се базира на три мерки на однесување при донирање: давање пари, волонтирање и помагање на непознати.


Creative Commons License
Македонија на 132 место според Светскиот индекс на донирање од Славица е лиценцирано под лиценцата Наведи извор- Некомерцијално- Сподели под исти услови 2.5 Македонија.

Tags: , , , ,

Leave a Reply