Светска банка предупредува од глобална криза

Светска банка

Европа поради должничката криза станува непресметлив ризик за светската економија, стои во најновата прогноза на Светска банка. На земјите во подем им се препорачуваат мерки против кризата.

Европската должничка криза е оптоварување за вкупната светска економија. Вакво јасно предупредување упатува Светска банка во нејзината најнова прогноза за развојот на светската економија. Најновите загуби на курсевите на берзите и растечките камати за државните обврзници покажуваат колку чувствителни и нервозни се финансиските пазари на секаде, се вели во извештајот објавен во Вашингтон. Целосно е јасно: ни богатите земји, ниту државите во економски подем нема да бидат поштедени „доколку ситуацијата во Европа значително се влоши“.Дури ниту глобална криза од размери како последната меѓу 2007-ма и 2009-та не е незамислива, вели економскиот експерт на Светска банка Ханс Тимер. Тој за германската новинска агенција ДПА истакна:

„Веруваме дека веројатноста не е голема, но истовремено не можеме ниту да ја исклучиме можноста“. На почетокот на годинава се’ уште изгледаше како ситуацијата во Европа да се смирува. „Ние во јануари не говоревме за излегување на Грција од еврозоната, а сега тоа е една од можностите. Тоа покажува колку е кревка ситуацијата“, вели Тимер.

Според него кошмарно сценарио би било ако две од најголемите евро-држави поради своите проблеми навистина би биле исклучени од кредитните пазари. Во моментов Светска банка не прогнозира дека ситуацијата во таа мерка ќе излезе од контрола. Затоа предвидувањата од претходниот извештај само за нијанса се корегирани надолу. Имено, Светска банка за тековнава година очекува глобалниот економски раст да изнесува 2,5 а во наредната 3 проценти.

Tags: ,

Leave a Reply