Posts Tagged ‘село’

Безжично сурфање низ поплавено Огњанци

петок, јуни 18th, 2010

Скопското село Огњанци е едно од 680-те „среќните добитници“ на владиниот бесплатен бежичен интернет. Жителите на селото не му гледаат на подарениот коњ во заби, меѓутоа велат дека ќе беа посреќни доколку прво им се „паднеше“ водоводна и канализациска мрежа и посилна електрична енергија.

„Се давиме во вода од поплавите. Нивите ни се поплавени и непристапни со трактор и не ни можеме да работиме. Училиштето не е оградено, а околу него има канал, па и летно и зимно време стравуваме дека децата може да паднат во каналите со нечиста вода“, вели еден од селаните.

Сурфањето на интернет е одмор од сурфањето на водата од поплавите.

Чиста вода за пиење имаат оние со сопствени пупми за вода. Останатите се принудени да „веслаат“ со велосипедите до селската чешма и потоа да ги пренесуваат шишињата со вода до дома. „Дури ни водата за пиење не ни е целосно чиста, мириса на тиња“, коментираат. Водовод нема, иако биле донесени потребните делови и цевки од пред 4 години.

Токму ова Огњанци е дел од проектот на Министерството за информатичко општество за намалување на дигиталниот јаз во државата преку поставување интернет-киосци кои зрачат бесплатен бежичен интернет. Во првите 30 дена од проектот се поставени 150 интернет – киосци, а останатите е предвидено да бидат инсталирани во следните 90 дена. Во следните четири години жителите ќе може да го користат безжичниот Интернет бесплатно, дали преку киоскот или преку сопствените компјутери, бидејќи сигналот зрачи на 250 метри, а потоа тој останува во сопственост на комерцијалните оператори што ќе стопанисуваат со киосците на економска основа.

Бежичниот интернет не е поприоритетен од водата за пиење

Како што информираше министерот Иво Ивановски главната цел на овој проект е постепено елиминирање на маргинализацијата на руралните средини во споредба со урбаните. Посматрајќи ги децата кои се туркаа пред интернет киоскот, десетмина селани од Огњанци, застанати на страна, забележуваат дека интернетот нема да ги приближи толку до урбаната средина колку што тоа може да го направат почестите автобуски линии. Од скоро им се разретчени редовните авттобуски линии, па сега се среќни ако начекаат автобус на 2 часа. Освен главниот пат што води до училиштето, сите други патчиња во селото се правливи, неасфалтирани. „Само голтаме прашина. Ќе рече некој село, почист воздух, но ние не можеме ни да седиме да уживаме во двор поради прашината“, велат селаните.

Ни електричната енергија не е силна страна на селото. Иако има две трафостаници, струја постојано снемува, па вечерните прошетки се заменети со седење дома во длабок мрак.

Можеби сега со бежичниот интернет додека низ прозорецот го гледаат темното село, жителите на Огњанци ќе може да размислуваат за европска идинина каде ќе ги продаваат своите земјоделски производи преку интернет, токму како што се надева и министерот. Меѓутоа, засега нема да им падне лошо, конечно, да добијат пивка вода, која нема да мириса на тиња.